Sunday, August 19, 2018


МАКЕДОНЦИТЕ ВО БИБЛИЈАТА ( прв дел)
автор : Денис Тенев, Скопје, 2005 година.

Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: “Премини во Македонија и помогни ни!” Делата на апостолите 16,9.
makedoncite-vo-biblijata

Кога пред многу години, како дете, чепкајќи по фиоките на мојот татко, пронајдов една мала Библија, македонски превод на Новиот Завет, детски заинтересирано ја отворив и меѓу првите текстови кои ги забележав беа зборовите на Македонецот упатени кон апостол Павле: “Премини во Македонија и помогни ни!” Во тој миг, бидејки моето познавање за Библијата беше мало но сепак доволно да сфатам дека ова е стара книга, се прашав: Кој е овој Македонец? Немајќи на ум ниту еден мој постар предок, си го замислив дедо ми. Подоцна, кога моите сознанија за Библијата пораснаа, открив дека сум имал многу “дедовци” во Библијата и како што неодамна некој ми рече - Македонците после Евреите се еден од најспомнуваните народи во Библијата. Затоа овој текст е посветен на тие храбри и одважни луѓе кои со својата чесност и верност не задолжиле многу, не само нас Македонците, туку и сиот свет, учејќи не како да го сочуваме и кај себе и кај другите моралот, карактерот, и пред се достоинството.
За Македонија и прашањето за Македонците се пишувало многу. Ние овој пат нема да навлегуваме длабоко во корените на историјата, туку само ќе ја консултираме во моменти кога тоа е потребно. Овој текст ќе ни открие што Библијата кажува за ова прашање, и со тоа ќе го дополниме мозаикот кој полека се создава.

Библијата како извор
Најнапред, бидејки Библијата ќе ни биде основа за нашето истражување, мораме да одвоиме неколку реда за самата Библија[1]. Како граѓани на посткомунистичкото општество, сфаќањата за Библијата кај многумина се погрешни, искривени, сметајќи дека е книга полна со митови. Ова влече корен уште од крајот на 18 и почетокот на 19 век, кога во научниот свет во Европа се појавила таканаречената “висока критика”. Со појавата на новите научни достигнувања и сознанија се отвориле нови можности за истражување и испитување. Сите дотогашни класици (како Херодот, Јосиф Флавие, Ксенофон и др.) биле ставени под лупа на новите научни методи. Секако, Библијата, како извор на поголемиот број сознанија за христијанска Европа, не била заобиколена[2]. Биле испитувани личностите, обичаите, народите и настаните кои се спомнуваат во неа, па така многу историчари ја оспориле историската веродостојност на Библијата, сметајќи дека нема доволно историско-археолошка потврда за нејзините тврдења. Тие сметале дека сето тоа што е содржано во неа е само мит и дека обичаите кои се спомнуваат во неа се надвор од рамките на времето во кое е опишан настанот. Така на пример, силно било оспорувано постоењето на Аврам, поштуван од повеќе од половина на човештвото[3], биле оспорувани Хетитите како народ кои дотогаш биле спомнати само во Библијата и.т.н... Авторитетот на Библијата бил сериозно разнишан.
Природно, Евреите и Христијаните ова го доживеале како директен напад на нивната вера. Но какви и да биле побудите и целите на литерарните критичари, тие на почитувачите на Библијата им сториле услуга. По дефиниција: “книжевниот историчар мора да биде и критичар, токму за да биде историчар” зошто “критичарот кој би се помирил со потполно непознавање на историските односи стално би застранувал во своите проценки[4]. Со други зборови, вистината не се плаши од критика, а тоа набргу и се докажало.
После прашината што ја подигнала високата критика, на сцена настапила археологијата, посебно Библиската археологија[5] која со своите научни методи и откритија на научниците им дала одговор на нивните прашања и критики. Откопувањата и пронајдоците во Библиските земји се ределе едни по други, а бројните експедиции се враќале со нови сознанија за древното минато.
Вредно е, накратко, да споменеме некои од нив. Во 1799 г. војниците на Наполеон во Египет сосема случајно го откриваат каменот од Розета (наречен така по местото каде е пронајден). На овој камен кој датира од 196 г. п.н.е. бил испишан текст на три различни писма од страна на египетскиот фараон Птоломеј V од Македонската династија, за кого ќе стане збор во ова истражување. Едно од писмата било напишано (издлабено) на египетското хиероглифско писмо, другото на египетско дометско, а третото на Александровото “коине” писмо кое во подоцнежните векови неправедно е нерекувано грчко. За ова писмо исто така ќе стане збор малку подоцна.
Ова бил клучен пронајдок за археологијата затоа што сега лесно можело да се спореди веќе познатото “коине” писмо со дотогаш непознатите хиероглифи, и на тој начин после макотрпен и долг научен труд на генијалецот Шамполион, хиероглифите конечно биле дешифрирани. Исто така клучен момент е откривањето на тројазичниот натпис на персискиот цар Дарие I, издлабен на една висока карпа во близина на Багдад. Од овој натпис, благодарение на другите две веќе познати писма, после 22 години е дешифрирано асирското клинесто писмо. Сега, бројните записи кои до тогаш стоеле како неми сведоци пред научниот свет, одеднаш блеснале со полнина на своето сведоштво, откривајќи го древниот свет како никогаш порано. Бројните хиероглифски записи а исто така и бројните плочки испишани со клинесто писмо меѓу другото ги откриле и бројните настани, личности па дури и самите обичаи кои биле спомнати дотогаш само во Библијата.
Понатаму, личноста на Аврам, за кого веќе споменавме погоре, била потполно расветлена од археологот L. Woolley. Тој во периодот од 1922 до 1932 целосно го откопува градот Ур, кој Библијата го споменува како градот на Аврам од каде Бог го повикал да излезе и да ја насели Хананската замја - подоцна Израел (1 книга Мојсеева 11, 31)[6]. Овој град до тогаш не постоел во ниедна историографија или било кој археолошки пишан документ, па затоа и било пребрзо заклучено дека тој не постоел а со тоа и дека Аврам бил измислен. Откритијата на Woolley покажале дека уште во 2000 г. п.н.е. градот бил напредна метропола[7], токму во времето на Аврам[8]. Интересен е и податокот дека е пронајдена табличка со испишано име Аврам[9].
Исто така, спомнатите долгооспорувани Хетити, набргу биле посведочени во близината на Богазкој - денешна Турција, со откривањето на нивната цивилизација.
И така се ределе бројните археолошки артефакти како глинените плочки во Нузи, Амарна и Хамурабиевиот законик каде се запишани обичаи кои се поистоветени со оние кои се запишани во Библијата, потоа споменикот на фараонот Мернаптах на кој се спомнува името “Израел”. Вредни се исто така и споменикот на Моавскиот крал Меша како и ваљакот на кралот Кир кои спомнуваат исти настани кои ги спомнува и Библијата. Тука е секако и епохалното откритие - Кумранските ракописи, кои на Библијата целосно и го вратиле авторитетот, давајќи и епитет на книга со најстари преписи, кои споредени со нашите преводи денес, немаат изгубено ништо од своето значење.
Да не заборавиме дека до денес откритијата не престанале, како на пример посмртниот ковчег на Јаков - Христовиот брат, неодамна пронајден во Ерусалим или пронајдените остатоци од египетските кочии во длабочините на Црвеното море кои се уште се предмет на испитување. Затоа, можеме слободно да заклучиме дека за нашето истражување користиме книга со потврдена историска вредност. Секој од нас има морална слобода ако сака да ги отфрли Библиските духовни вредности и поуки, но не може да ја оспорува историската веродостојност и вредност на Библијата.
А згора не сето тоа, ако ја прифатиме и нејзината духовна вредност односно Божественото потекло, сметам дека сознанијата кои ќе ги исцрпиме на ова истражување ќе имаат полна и сериозна важност.

Македонија и Библијата

Историјата на Еврејскиот (Израелскиот) народ, запишан во Библијата, не била изолирана од историјата на другите народи. Па така, неминовно било, бележејки ја еврејската историја да бидат спомнувани народи кои директно или индиректно биле поврзани со историските прилики на Евреите. Познато им е на познавачите на Библијата дека поради непослушност на Божјите уредби и закони, Евреите (во тој миг останати без Божја заштита) биле поразени во 606г. п.н.е. од Вавилонската империја, а потоа одведени во ропство. Откако Вавилон бил покорен од Персијците, за еврејскиот народ дошле помили времиња. Имено, 457г. п.н.е. персискиот цар Кир дал заповед со која на сите претходно поробени народи им било дозволено да се вратат во своите матични земји (Книгата на Ездра 1глава). Голем бил бројот на еврејските повратници кои го обновиле градот Ерусалим (книгата на Неемија 1-6 глава), храмот и Богослужбата во него (Ездра 3-5 глава). Сепак, одреден број Евреи останале насекаде по Персиската империја.
Во времето на владеењето на персискиот цар Артаксеркс (486-465 пне) настанала книгата на Естира. Естира била млада Еврејка која според Божјото провидение и промисла, станала царица во Персија (Естира 2,17).  Оваа книга го опишува необичниот пресврт на настаните кога Евреите неправедно биле обвинети дека прават заговор против царот. Обвинението се претворило во царска уредба со која требало сите Евреи во Империјата да се погубат. Главната личност во книгата, Мардохеј, чичкото на Естира, успеал преку царицата да издејствува да се поништи указот и со тоа го спасил својот народ од неправедно погубување.
Постојат, за нашето проучување, неколку интересни моменти од книгата на Естира. Аман, човекот кој го иницирал обвинението против Евреите, во нашиот превод се нарекува Вугеецот Аман Амадатов (Естира 3,1). Според Поп-Атанасов[1], станува збор за погрешена транскрипција на еврејскиот етноним WOO} (Агаги). Овој израз, според познавачите на еврејскиот јазик би требало да значи жител на Еге, па оттаму поблиску до оргиналот би звучел преводот Егеецот Аман Амадатов. Еге бил град во Македонија основан околу 700г. п.н.е. од Македонскиот крал Пердика I, и долго време бил престолнина на Македонската царска династија. Дека Аман бил од градот Еге, не наведува и преводот во Септуагинтата, каде еврејскиот WOO} (Агаги) е преведен со makedîn (Македон).
Како и да е, постои една интересна индиректна поврзаност на Македонија со настаните во Естира 1глава, каде читаме дека царот Артаксеркс приредил раскошна гозба за сите кнезови, управители и војводи од неговата империја. Но, во 9-11 стих читаме дека: “...царицата Астин исто така приреди гозба за жените во царскиот дом на царот Артаксеркс.”
После повеќедневно јадење и пиење царот побарал да ја доведат царицата Астин на неговата гозба: “...за да им ја покаже нејзината убавина на народите и на кнезовите, зошто таа беше многу убава. Но царицата Астин не сакаше да дојде според царевата наредба... “ Сметам дека нема потреба да коментираме што би се случило со достоинството на царицата Астин доколку би се појавила пред оваа насобрана толпа на мажи, очигледно под влијание на алкохол. Ова предизвикало голем гнев кај царот и на совет на мудреците кои “...ги познаваа поранешните времиња...”(13 стих) одлучил да ја разреши Астин од нејзиното царско достоинство (на нејзино место подоцна дошла Естира).
Постои еден настан запишан од Херодот[2] врзан за македонските кралеви Аминта I (495-452г. п.н.е.) и неговиот син Александар I (495-452г. п.н.е.). Во тоа време Персија се уште војувала со Атина, а македонската дипломатија одиграла многу важна улога за зачувување на македонските интереси, вешто балансирајќи помеѓу Персија и Атина. Во една прилика Персискиот двор испратил седуммина свои најугледни великодостојници на македонскиот двор. Во тоа време со Македонија вледеел Аминта I. Тој им приредил гозба на Персијците, но откако се опиле, сведочи Херодот, тие му се обратиле на царот со следниве зборови: “Пријателу Македонче, ние Персијците имаме обичај на свечен ручек да ги донесеме со себе своите жени и љубовници да седат со нас”. Аминта одговорил: “Персијци, ние таков обичај немеме, кај нас се одвоени мажите од жените, а бидејќи вие сте господари и ги барате, ќе ги добиете”. Набргу, персиските гости добиле женско друштво, кон кои, очекувано, почнале да се однесуваат непристојно. Со ова не се сложил синот на Аминта, АлександарI, кој откако го убедил татка си да замине од гозбата, им се обратил на Персијците: “Почитувани гости, овие жени ви стојат на располагање...но пуштете ги да се измијат, па ќе ви се вратат по миењето”. Персијците се сложиле, АлександарI ги испратил жените надвор, а во исто време облекол во женска облека ист број голобради момчиња, кои во своите пазуви сокриле по еден нож. Кога ги вовел внатре преправените момчиња, им се обратил на Персијците: “...мислам дека сте кралски угостени, па ви ги нудиме уште и своите мајки и сестри, да се уверите дека ви покажуваме онакво почитување какво што ви прилега.” Кога Персијците почнале да ги милуваат преправените момчиња, тие од своите пазуви ги извадиле ножевите и ги убиле сите до еден.
Ова убиство предизвикало истражна постапка од Персискиот двор, но Александар успеал да ја прикрие целата работа со тоа што на шефот на персиската истражна комисија Бубар, му дал голема сума пари, но и неговата сестра Гигеја за жена.
Овој настан временски се поклопува со настаните опишани во книгата за Естира, па оттаму се наметнува прашањето: ако Херодот ни открива дека Персијците имале обичај на своите гозби да ги земаат со себе и своите жени и љубовници, додека пак кај Македонците да бидат одвоени мажите од жените, од каде тогаш идејата царицата Астина да прави посебно од царот гозба со останатите жени, кога тоа не бил Персиски обичај? Од каде кај Астина желбата за противење на вулгарниот предлог да се покажува пред пијаните гости, кога тоа било вообичаено кај Перијците? Зарем одговорот не се крие во младата Гигеја, сестрата на Александар I, која доаѓајќи на Персискиот двор како жена на Персиецот Бубар извршила влијание врз другите жени па и на самата царица, која, согледувајќи го, за жените, понижувачкиот обичај, одлучила да направи промени на тие обичаи. Можеби царот во почетокот не се противел на овие реформи, но со време новиот обичај се повеќе доаѓал во судир со стариот обичај, и како кулминација се настаните опишани во Естира 1глава. Токму затоа биле повикани мудреците кои ги познавале поранешните времиња, да го расчистат настанатиот проблем, повикувајки се на персиските закони.
Голема била храброста на оваа млада Македонка Гигеја, далеку од својот дом, да го подигне гласот против тој срамен и понижувачки обичај.

 ( продолжува)


[1] Ѓ. Поп-Атанасов, Библијата за Македонија и Македонците, 52-53.
[2] Цитирано во А. Шкокљев - С.Катин, Придонесот на Македонија во светската цивилизација, 72-7



[1] Библија или Свето Писмо (создавана 1600 години, од 1500г пне - 100г. не.) духовно и историско наследство на Евреите и христијаните, “Цело Писмо е од Бога дадено” вели апостолот Павле (IIпослание до Тимотеј 3, 16.) Идејата дека Библијата е од Бога дадена не значи дека Св.Писмо стигнало до човекот како готов производ. Теолозите се сложуваат дека таа има божествено-човечки карактер, односно “...светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух.” (2.Петрово послание 1, 21.)
[2] Библиската критика имала за цел да го истражува библискиот текст според рационални научни критериуми. Посебно се издвојуваат мислители и научни работници како P.Holbach, E. Renan, D.F. Strauss, B. Bauer, K. Kautski и секако К.Маркс и Ф. Енгелс. Opća Enciklopedija  Zagreb, knjiga 1, 519.

[3] Повеќе од три милијарди луѓе. Две милијарди се христијани, милијарда и двеста се муслимани, а околу петнаесет милиони се Евреи. Tad Szulc, “Abraham – jorney of faith, National Geographic, december 2001, 96.
[4] Рене Велек и Остин Ворен, Теорија на Кижевноста,  68.
[5] За татко на Библиската археологија се смета William F. Albright, на почетокот без позитивни намери кон Библијата, за подоцна, одушевен од археолошките откритија, станал бранител на Библијата како веродостојна книга, Ž eljko Gregor, Prapovjest i Biblijska arheologija, 18.
[6] Цитатите од Библијата се користени од Свето Писмо (Библија) во издание на Македонската Православна Црква.
[7] Градот имал правилно поставени булевари со луксузно изградени куќи најчесто на два спрата, а во нивната внатрешност пронајдени се купатила со извонреден систем за канализација. Биле ископани и училници со сочувани лекции од аритметика и граматика. Градот имал пишани закони и добро организиран судски систем, и бил богат со архитектура, уметност, и разновидни занати. Verner Keler, Biblija je u pravo, 30, 31.
[8] Според Библиската хронологија, раѓањето на Аврам би било 2170 пне. Gregor, 67,68.
[9] Со ова не се тврди дека оваа таблица му припаѓала на Аврам, бидејќи потекнува од подоцна, но сепак, сведочат дека името било користено како вообичено во тоа време.

No comments:

Post a Comment

АМЕРИКАНЦИТЕ ОД КОГА НЕ КУРДИСА, СЕГА ЌЕ НЕ СРЕДУВААТ

АУ!!! неделава што беше напорна, море што од настани, што од случувања. Ај што градов ми беше парализиран од лудница собраќај и протести  ср...