Monday, August 20, 2018

МАКЕДОНЦИТЕ ВО БИБЛИЈАТА ( втор дел)
автор : Денис Тенев, Скопје, 2005 година.
 
 
 
 
Пророштвата за Александар Македонски
Најпопуларната македонска личност за кого зборува Библијата е Александар III Македонски за кого е пишувано многу, како од антички, така и од современи автори. Околу него се испреплетени многу легенди, изнесувани се многу ставови по прашање на природата на неговите походи и како што вели У. Вилхем во своето дело “Александар Македонски”, неговата појава и име се уште побудуваат различни реакции. Како и да е, сите ќе се сложиме дека неговата маркантна личност го потресе светот, спојувајќи го истокот и западот, а неговиот сон од светот да создаде една држава со еден цар, се чини била идеолошка визија на еднаквост и рамноправност, со максимална толеранција на туѓата култура и религија. 
 makedoncite-vo-biblijata-4
Александар, во Библијата е споменат во некои од пророштвата запишани во книгата на пророкот Даниил.
Даниил бил Евреин, кој после разорувањето на Ерусалим во 538г. п.н.е.[1], бил однесен заедно со мнозина како роб во Вавилон. Набргу неговата духовна надареност била забележана од царот. Во една прилика,[2] Данило бил повикан да протолкува еден сон, кој го сонил царот Навуходоносор. Имено, царот во сонот видел еден голем лик, чија глава е од злато, рацете и градите од сребро, бедрата од бакар, нозете од железо, а стапалата биле помешани од глина и железо. Додека царот го гледал овој необичен лик, еден камен се откачил од планината и удрил во стапалата на ликот сосема распарчувајќи го, за истиот камен да прерасне во една голема планина. Царот Навуходоносор видно возбуден побарал да му биде протолкуван сонот. Даниил му одговорил дека Небесниот Бог преку овој сон сака да му ја открие на царот иднината на светот, а ликот кој го видел ги претставува царствата кои ќе владеат после него се до крајот на светот. Златната глава ја претставувала Вавилонската империја, рацете и градите од сребро - МедоПерсија, бедрата од бакар - Македонија, а нозете од железо - Римската империја. Интересно е дека токму во времето на стапалата[3] се случил одронот на оној камен кој го срушил ликот. Теолозите се сложуваат дека овој камен го претставува Второто Пришествие, односно, второто Христово доаѓање, за што ќе зборуваме малку повеќе кога ќе дојдеме до Македонците во Новиот Завет.
Во една друга прилика (7 глава), пророкот Данило имал видение за четири необични ѕвера: “...и четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот...” Првиот ѕвер кој го забележал бил како лав со орлови крилја, вториот како мечка, а третиот како леопард (како рис - во некои други преводи) со четири крилја. Потоа следувал еден страшен и необичен ѕвер со десет рогови. И после овие ѕверови следи визија за Христовото второ доаѓање.
После ова видение Даниил добива од Бога толкување, и повторно се редат светските царства идентично како кај сонот на Навуходоносор, само што во оваа прилика повеќе е ставен нагласок на последниот ѕвер (Римското царство) и настаните кои следат после него се до крајот на светот.
Да напоменеме дека овде Македонското царство на Александар е претставено као леопард однодно рис со четири крилја. Да споменеме уште едно видение на пророкот Данило (8 глава).
Данило повторно во видение гледа еден овен со два високи рога, кога од запад ненадејно се појавува козел, “...кој ја изоди целата земја, не допирајќи се до неа; и тој козел имаше знаменит рог меѓу своите очи.” Овој козел, вели понатаму пророштвото, “ ...се впушти врз оној овен...со силна јарост.” Понатаму читаме дека “...на овенот не му стигаа силите да устои против него”...Но на крајот од пророштвото читаме: “Тогаш козелот многу се возгордеа; но кога се засили, големиот рог му се скрши и на тоа место му изникнаа четири, свртени спрема четирите ветра небесни.”
Данило набргу добил и толкување на пророштвото кое исто така во продолжение го запишал: “Овенот со двата рога што ги виде е мидскиот цар и персискиот.[4] А косестиот козел е царот на Грција, додека големиот рог што се наоѓа меѓу неговите очи, тој е нејзиниот прв цар: тој е здробен и место него излегоа други четири: тоа се четирите царства што ќе се издигнат од тој народ, но не со негова сила.”
 makedoncite-vo-biblijata-5
Горенаведените цитати се наведени онака као што е преведено во македонскиот превод на Библијата. Сигурно дека ваквиот текст мнозина ќе ги остави збунети, бидејќи читаат “царот на Грција”. За да ја појасниме целата работа мораме да ги консултираме оние кои го познаваат еврејскиот јазик, на кој бил пишуван Стариот Завет[5]. Имено, во оргиналот[6] читаме: GYW :LK (мелех Јаван) [7], што значи царот Јаван.
Познавачите на Библијата веднаш ќе се сетат за кого станува збор. Но за да објасниме мора да се вратиме назад во Библиската историја се до времето на потопот запишан во 1. Мојсеева од 6-9 глава. Тука се среќаваме со праведниот Ное кој добил повик и задача од Бога да создаде кораб, во кој ќе можат сите кои сакаат да се заштитат од престојниот потоп. За жал, на Божествената порака одговориле само Ное и неговото семејство, меѓу кои и неговите три сина, Сим, Хам и Јафет, секој со својата жена. Во Ноевиот кораб нашле место и животните (од секое животно по еден пар).[8]
После слегнувањето на водата[9], коработ застанал на планината Арарат. И сега читаме во десеттата глава: “А ова е родословот на синовите Ноеви: Сим, Хам и Јафет на кои по потопот им се изродија синови[10]. Синовите на Јафета[11] се: Гомер, Магог, Мадај, Јаван, Елиса, Тувал, Месех и Тирас.”

Македонците и Елините
Оваа родословна таблица на народите ни открива кој бил Јаван, спомнат во Даниловото пророштво. Но сега си го поставуваме прашањето: Зошто тогаш во нашиот превод а и во многу други преводи стои царот на Грција? Одговорот е многу едноставен, но сепак ќе мора работите да ги поставиме по ред заради постоечкиот (на сите познат) антагонизам меѓу Р. Македонија и Р. Грција.
Најнапред мора да се повикаме на сознанието дека поимот Грци е релативно соврмен и нов поим. Во антиката тие се нарекувале Елини (Ахајци), и живееле на територијата наречена Ахаја (јужниот дел на денешна Р. Грција). А тоа дека Македонците биле одделен народ од Елините не треба да се спори. Релевантни историчари ја елаборирале како потврда ова мисла[12], но сепак заради континуитет на ова истражување би навеле неколку факти:
1.    Македонците почитувале поинаков пантеон на божества од Елините[13]
2.    Македонија имала единствен, самостоен митолошки систем[14].
3.    Македонците имале поинаков јазик од Елините.
Интересен е податокот на Квинт Курциј Руф[15] кој во периодот на императорот Клаудије го создал делото за Александар Македонски. Тој спомнува еден настан од животот на Александар, во кој се опишува судскиот процес против еден Македонец по име Филот, обвинет за заговор. Кога Александар го поканил да зборува на својот мајчин јазик, Филот одговорил дека подобро ќе биде ако зборува на елински за сите да го разберат, бидејќи меѓу присутните имало и Елини. Исто така Демостен, познатиот Атински говорник, во една од своите филипики (говори против ФилипII) Македонците ги нарекува варвари[16] кои зборуваат јазик неразбирлив за Елините. Од ова се гледа дека античкиот македонски јазик Елините не го разбирале[17].
4.    Македонците биле територијално одвоени од Елините, и имале различно државно и политичко уредување[18]. Елините имале градови-држави, додека Македонија, обединета од Филип II била унитарна држава на сродни племиња со свој монетарен систем. Елините, откако во VIIIв. п.н.е. го напуштиле кралското уредување, воспоставиле демократско или олигархиско уредување. За македонската држава и територија (освен делумно за крајбрежјето) Елините како колонизатори, не пројавувале особен интерес.
5.    После битката кај Херонеја (338 п.н.е.) Филип II ги покорил Елините[19], а како резултат на тоа во Атина се појавиле две странки: анти македонска (чиј гласноговорник бил Демостен) и про-македонска. Демостен, Елините кои соработувале со Македонците ги нарекувал предавници[20]
Сепак, треба да бидеме објективни и непристрасни. Имено:
1.    Елините кои биле промакедонски настроени, Филипа II го дожививувале и прифатиле исто така како свој владетел (хегемон)[21], а исто и Александар III Македонски кој во своите походи повел и војска од редовите на Елините.
2.    Промакедонските Елини, откако биле покорени, веројатно Македонија ја доживувале како своја држава и при тоа Елините и Македонците се среќавале во исти кругови[22], а походите на Александар како дел од една заедничка стратегија на Македонците и Елините[23].
Можно е таквото мислење да преовладало и кај околните народи, особено кај Евреите, чии седумдесетмината преведувачи на септуагинтата[24] ја превеле именката GYW (Јаван) со зборот ™ll»nwn (еленон). Тоа можеме да го разбереме ако го земеме во предвид фактот дека Евреите сите кои не биле од Еврејска националност и култура ги нарекувале Елини. Тоа отишло дотаму што дури и своите сонародници од дијаспората ги нарекувале Елини заради попримената елинска култура, што не е чудно бидејќи и самите Елини овој израз го користеле како предзнак на културолошка а не на етничка припадност. Па затоа во умот на еврејските преведувачи на септуагинтата преовладало мислењето и ставот на тогашната еврејска мисла. Во суштина и самиот превод бил наменет за Евреите во дијаспората кои не го разбирале мајчиниот еврејски јазик. Ако се земе предвид и сознанието за тогашниот отпор на ортодоксните Евреи (на пр. Макабејците) кон се што било со нееврејска култура, особено елинската, тогаш ќе ни биде сосема јасно зошто во преводот бил употребен зборот еленон, наместо оргиналниот Јаван. Оттаму и во науката неоправдано се наметнала мислата дека Македонците се Елини[25], што не доведува до нашиот македонски превод на Библијата кој по грешка[26] синтагмата GYW :LK (мелех Јаван) ја превела со царот Грчки.
Но, ќе си го поставиме и прашањето, зошто Александар е поистоветен со Јаван. Сигурно не се мисли на самиот Јаван, потомокот на Јафет. На Евреите од времето кога е пишувана книгата на пророкот Данило (околу 540г. п.н.е.) веројатно не им биле познати сите царства кои призлегле од Јаван (меѓу кои и Македонското царство), па затоа Данило ја воопштува работата сакајќи да ни каже дека тој цар ќе биде од поколенијето на Јаван.

Китим-Коренот на Македонците
После сето ова што го предочивме, можеме да се вратиме на книгата на пророкот Даниил и на родословната таблица од 1Мојсеева 10, 1-5. Дека веќе цитираното пророштвото на Данило 8 глава се однесува на Александар Македонски, односно цар од династијата на Аргеадите[27] ни сведочи и визијата за козелот кој со огромна сила го соборува овенот кој во случајот го претставува Медо Персиското царство. Познато ни е од историјата за битката кај Граник и големата победа на војската на Александар врз побројната Персиска војска со што дословно се исполнило пророштвото. А за козелот исто така познато е дека белата коза била симбол на Аргеадската династија[28].
Интересен е податокот на Јосиф Флавие кој ни открива дека еврејските свештеници, кога Александар во своите освојувања се приближил до Ерусалим, му излегле во пресрет со овие пророштва, поради што градот уживал посебен статус во Македонската империја.
Освојувањата и територијалните достигнувања на Македонската војска на чело со Александар и неговите генерали, бил неповторлив настан кој историјата сериозно го забележала, потврдувајќи го пророштвото: “...ја изоде целата (до тогаш позната, з.а.) земја, не допирајќи се до неа...”, со што на симболичен начин е претставена брзината на далекусежните освојувања на Македонската војска.
А што се однесува до родословната таблица, ние понатаму за името Јаван читаме: “Синовите, пак, Јаванови се: Елиса, Тарсис, Китим и Доданим,” а потоа продолжува “ Од нив се разгранаа острови на народи во земјите нивни, секој според јазикот свој, според родот свој, и народот свој.”
Во една од апокрифните[29] книги, 1 Макабејска 1, 1. читаме: Александар Македонски, синот на Филипа, излезе од земјата Хетејска и го победи Дарија...” Повторно се соочуваме со погрешен превод на зборот Хетејска, каде според познавачите на еврејскиот јазик треба да стои Китимска[30]. Иако непознат, авторот на 1Макабејска ни открива дека Александар треба да го поистоветиме со Китим, еден од синовите на Јаван. Тука е вредно да се напомене дека името Китим некои погрешно го поистоветуваат со Крит, заради сличното име на градот Килтион кој се наоѓал на Крит. Град со име Kition (Китим) се наоѓал во Македонија во близина на градот Еге[31], што не ја отфрла можноста некои доселеници од Македонија да го основале градот Килтион на Крит.
Според ова, Македонија е земјата на предокот Китим кој се населил на тие простори, од кого подоцна се разграниле сродните Македонски племиња, меѓу кои и Аргеадите и нивната царска династија.
Интересни се сугестиите на Поп-Атанасов дека Китим би требало да се чита Скитим, и со тоа името да се доведе во однос со Скитите, кои пак подоцна, според некои автори[32] се поистоветуваат со Словените.

Пророштва за победата на Тир
Интересно е да забележиме уште некои пророштва во Библијата, индиректно поврзани со Александар. Во книгата на пророкот Језекиил 26, 12-14 се наоѓа еден текст кој го прорекува разорувањето на Фениќанскиот град Тир. Меѓу другото се вели: “...ќе го разграбаат твоето богатство...ќе ги разрушат твоите ѕидови, ќе ги урнат твоите убави домови, твоите камења и твоите дрвја и земјата твоја ќе ја фрлат во вода”. Иако на почетокот ова пророштво требало да го исполни Вавилонскиот цар Навуходоносор[33] (Језекиил 26, 7.), свое конечно исполнување нашло во опсадата и освојувањето на Македонската војска.
Се чинело дека Тир е неосвоив град. Имено, еден дел од градот бил поставен на Фениќиското крајбрежје, а другиот дел на многу блискиот остров. Кога доаѓале освојувачки војски, граѓаните на Тир се повлекувале на островот, оставајки ги освојувачите беспомошно да стојат околу неосвоивите тврдини на островот. А тоа било така затоа што, војниците за да дојдат до островот морале да користат бродови кои или ги немале или биле лесна мета на Тирската одбрана. Со истата ситуација се соочила и Македонската војска. Но, Александар со своите генерали дошол до генијална идеа: камените остатоци од приобалниот дел на градот ги фрлал во водата со цел да создаде природен земјен премин до островот. Во еден момент тој им наредил на своите војници да ја земаат земјата и правот од градот и да ја фрлаат во морето. На тој начин, островот бил споен со обалата, по што војската на Александар за кратко време го освоила градот.  Во истата глава од книгата на  пророкот Језекиил, во четвртиот и петтиот стих читаме: “...ќе ги разбијат ѕидовите на Тир...и ќе го изметам правот негов и ќе го направам гол камен. Ќе биде место за простирање мрежи во морето; зашто Јас го реков тоа, вели Господ Бог...”
Ако денеска појдете до местото каде се наоѓал некогаш градот Тир, ќе сретнете мала рибарска населба на чии обали се простираат мрежи, иако постојат идеални услови за голем град. А ако се загледате во морето, јасно ќе ги забележите камените остатоци од стариот град Тир кои Македонската војска ги фрлила во морето за да создаде премин до островскиот дел на градот. А во близината ќе го забележите некогашниот остров, сега полуостров, кој бил освоен од Александар Македонски.

Гордоста на козелот
Се враќаме на пророштвото за козелот во Даниил 8 глава. После претскажаната победа и брзиот успех, следува: “Тогаш козелот многу се возгордеа; но кога се засили, големиот рог му се скрши и на тоа место му изникнаа четири, свртени спрема четирите ветра небесни.” Библијата секогаш ги прикажува личностите такви какви што се без да ги идеализира, па дури и за клучни личности како што е Давид, најславниот Изрелски цар. Иако тој е претставен како силен во Бога, верен и храбар цар, сепак неговите грешки не се сокриени[34], и како што вели апостолот Павле: “...сето тоа е за наша поука...” [35]
Слично е со Александар Македонски. Библијата ни открива дека тој се возгордеал. Каде и во што била неговата гордост?
Можни се неколку одговори базирани на историјографијата[36]. Познато е дека кога била освоена Персија, Александар се облекувал како персиските цареви со цел да им се приближи на Персијците[37]. Но исто така тој дозволил, според персиските обичаи и да го поштуваат како божествен цар, што предизвикало огорченост кај македонските војници и службеници кои биле со него. На крајот бил најден компромис со кој Македонците биле ослободени од таквото чествување на царот.
Исто така познато е дека Александар кога пристигнал во Вавилон, воодушевен од градот, посакал да го претвори во своја престолнина. За Вавилон читаме едно пророштво во книгата на пророкот Јеремија 51, 37-39: “И Вавилон ќе стане купишта на урнатини...без жители...” а понатаму за нив вели “ ...ќе заспијат со вечен сон и нема да се разбудат.” Во едно друго пророштво запишано во книгата на пророкот Исаија 13, 19-21. се вели: “И Вавилон, украсот на царставата, гордост на Халдејците, ќе биде соборен од Бога...” и понатаму продолжува ...”нема да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род...но во него ќе живеат ѕверови; бувови ќе се населат во нивните домови...шакали ќе вијат во дворците нивни...А ќе дојде неговото време, близу е, деновите негови нема да задоцнат.” Ова пророштво се уште не било исполнето во времето кога Александар дошол до Вавилон. Дали тој знаел за овие пророштва, можеме само да шпекулираме. Сепак, постои голема веројатност тој да ги познавал, бидејќи, како што веќе спонавме, бил во контакт со Евреите. Но како и да е, идејата Вавилон да стане престолнина на целото новосоздадено царство се противела на изнесените пророштва, кои подоцна навистина се исполниле, па така денеска на местото на стариот Вавилон можеме да ги видиме неговите урнатини, а во нив бувови во своите завиени гнезда.





[1] Ерусалим бил разорен од страна на Навуходоноср, Вавилонскиот цар.
[2] Настанот е опишан во книгата на пророк Даниил 2 глава
[3] Според некои толкувања на Библијата стапалата од глина и железо ја претставува современа Европа со остатоци (железото) од Римската империја и останатите европски народи (глината) и нивното обединување.
[4] Во историјата е познато дека царството што ја покорила Вавилонската империја, всушност било составено од две царства на народи - Мидјаните и Персијанците, често нарекувано Медо-Персиско царство.
[5] Кај Евреите нарекуван Закон и Пророци. Во Стариот Завет се содржани книги пишувани во Период од 1500 г. пне па се до 400 г. пне. Во С.З. се содржат книги кои ја опишуваат светата историјата за постанокот на светот и Израелскиот народ, потоа свети химни (Псалмите), мудри изреки, поезија, и пророштва запишани од пророците кои делувале во разни периоди од историјата на Израел. Некои делови на Библијата биле пишувани и на Арамејски, јазик сроден на Еврејскиот.
[6] Стариот Завет на Еврејски јазик може да се набави во просториите на Библиското Друштво во Скопје.
[7] Еврејското писмо се чита од десно кон лево.
[8] Дека Библискиот извештај за потопот не е осамен, сведочат бројните записи и усни преданија насекаде низ светот, како на пример староасирскиот еп за Гилгамеш и др.
[9] Најновите геолошки итражувања ни покажуваат дека навистина некогаш се случил потоп со светски размери. На пример, за тоа сведочат разните фосили на морски животни пронајдени во кањони и слични предели каде ни одблизу нема водени површини.
[10] Според библиските научници родословната таблица од десеттата глава  на 1Мојсеева ни ги дава имињата на народите кои во тоа време постоеле и му биле познати на Мојсеј. На Сим му припаѓаат Асирците, Арамејците, Фениќаните, и некои арапски племиња, на Хам му припаѓаат Етиопјаните, Египќаните и др. додека на Јафет му припаѓаат разните североаријски, индоевропски народи. Ѓорги Поп-Атанасов, Библијата за Македонија и Македонците, 25. The Times, Biblijski Atlas, 92-93.
[11] Јафет значи бел, сјаен, убав.
[12] За подлабоко проучување на оваа тема види: Наде Проева: Студии за Античките Македонци, Историја на Аргеадите и А. Шкокљев-Дончо и С.Николовски-Катин: Придонесот на Македонија во светската цивилизација.
[13] Наде Проева, Историја на Аргеадите. Стр. 98-138.
[14] Шкокљев-Катин, 15.
[15] Цитирано дело, Поп-Атанасов, Библијата за Македонија и Македонците, 48.49.
[16] Д-р. Проева укажува на “познатиот, но често намерно занемаруван факт, дека Хелените ги нарекувале ƒбарбари· (barbaros) оние кои не зборувале Хеленски” barbaros има ономатопејско потекло: брбори, односно - зборува неразбирливо”. Н. Проева, Историја на Аргеадите, 69.
[17] Бројни слични примери види Н. Проева, Историја на Аргеадите, 76-78.
[18] Н. Проева, Студии за Античките Македонци, 28.
[19] Зачудува тоа што во ниеден друг случај, победникот (Македонија) се проучува во состав на победените (Елините)... Н.Проева, Студии за Античките Македонци, 18.
[20] исто, 31
[21] Коринтска лига 338 п.н.е. елините ја признале својата зависност од Македонците Н. Проева, Историја на Аргеадите, 240-245.
[22] Сепак со тоа не била разнебитена македонската национална свест, имено Плутарх пишува за еден настан во кој ја опишува реакцијата на Александар Македонски предизвикана од Елинската надменост со зборовите: “Зарем не ви се чини дека Елините се движат меѓу нас како полубогови меѓу животни”. Цитирано во: Поп-Атанасов, Библијата за Македонија и Македонците, 50.
[23] Иако, познато е дека Александар немал многу доверба во нив, што се покажало како оправдано, бидејќи по неговата смрт 323 п.н.е. веднаш било пројавено во Атина антимакедонско расположение, а веднаш потоа и бунт. А. Шкокљев-С.Катин. Придонесот на Македонија во светската цивилизација, 183. Исто така Плутарх тврди дека Елините до крај ја чувствувале власта на Македонците како нешто туѓо и надворешно, Н.Проева, Историја на Аргеадите, 67.
[24] Птоломеј II Филаделф го нарачува преводот на Библијата (Стариот Завет) од еврејски на “коине” јазик, наменет за потребите на Евреите во дијапората кои не го знаеле еврејскиот мајчин јазик. Преводот бил направен од 70 Евреи, и затоа бил наречен “Септуагинта”.
[25] Поимот Елинизам за прв пат е воведен од германскиот историчар Droysen, 1877-78. А. Шкокљев - С. Катин. Придонесот на Македонија во светската цивилизација, 81
[26] Веројатно несвесно под влијание на тогашната политиката која сосема го отфрли (иако неаргументирано и сосема недокажано)  континуитетот на античките Македонци до денес.
[27] едно од Македонските племиња од каде и потекнува Александар Македонски.
[28] А. Шкокљев - С. Катин. Придонесот на Македонија во светската цивилизација, 71.
[29] (apokrifa) таен, книги кои имале сомнително, нејасно потекло.  Евреите не ги вклучиле во останатите книги од Библијата, но се користеле како историска литература.
[30] Ѓ. Поп-Атанасов, Библијата за Македонија и Македонците, 31-45
[31] Алфред Делакулонш, Лулката на Македонската државност, 60.
[32] А. Шкокљев - С. Катин. Придонесот на Македонија во светската цивилизација. ???
[33] Тој 13 г. го држел под опсада градот Тир но не успеал да го освои.
[34] Види 2. Царства 11-12 глава и Псалм 50
[35] 2. Послание до Тимотеј 3,16.
[36] Квинт Куртиј Руф и Теофрат пишувале дека власта го расипала, та станал тиранин, односно сосема му се сменил карактерот. Н. Проева, Историја на Аргеадите, 37.41.
[37] Фанула Папазоглу, Историја на Хеленистичкиот период, 163.
[38] Данило 8, 8.
[39] Александар основал 32 градови со име Александрија. А. Шкокљев - С. Катин, 146.
[40] Како и да е овој јазик и писмо веќе бил во широка употреба и кај другите народи и пред освојувањата на Александар. Н.Проева, Историја на Аргеадите, 78.
[41] Истата теза ја спомнува и Željko Stanojević, O jeziku Srba i Jevreja, 32
[42] Познати од историјата ни се примери кога еден народ превзема култура од друг, на пр. Персијците кога ја покориле Вавилонската империја, не го наметнакле своето писмо и култура туку ги задржале Вавилонските
[43] Најновите научни истражувања (Savalli-Sforza 1991) покажуваат дека сите јазици во светот потекнуваат од единствен предок и единствен говор... А. Шкокљев - С. Катин, 110.
[44] Името може да има значење”збрка, мешање” (бабал, бабилу) , но може исто така да означува и “Божја врата” (Бабел), П. Златески, С. Катин, Библиски Речник, 28.
[45] Види Посланието до Римјаните
[46] The Times, Biblijski Atlas, 94-95
[47] Евресјкиот алфабет е сличен со фениќискиот
[48] И елинското писмо во почетокот ги користел само консонантите и се пишувало од лево кон десно како кај еврејското писмо Ž. Stanojević, O jeziku Srba i Jevreja, 32
[49] “ Нема разлика меќу Јудеец и Елин, зошто еден и ист е Господ на сите...” Посланието до Римјаните 10,12.
 
 
 

No comments:

Post a Comment

АМЕРИКАНЦИТЕ ОД КОГА НЕ КУРДИСА, СЕГА ЌЕ НЕ СРЕДУВААТ

АУ!!! неделава што беше напорна, море што од настани, што од случувања. Ај што градов ми беше парализиран од лудница собраќај и протести  ср...